Права и обврски на управителот

1) Управителот ги има следниве права и обврски:   
2) ги извршува одлуките на сопствениците на посебните делови;   
2) се грижи за редовно одржување и функционирање на заедничките делови;   
3) ги застапува сопствениците на посебните делови во работите на управување и во име на одделни сопственици поднесува тужба за ослободување од обврската за плаќање, односно тужба за задолжување за плаќање на трошоците и издатоците на сопственикот на посебниот дел;   
4) ги застапува сопствениците на посебните делови пред управните органи во работите на издавање на дозволи и согласности и во постапките за упис на недвижностите и други управни постапки, во врска со станбената зграда и земјиштето, како и за други работи поврзани со управувањето;   
5) подготвува план за одржување на станбената зграда, план со динамика за спроведување на овој план и се грижи за спроведување на планот;   
6) подготвува пресметка на трошоците на управување на станбената зграда и ги распоредува трошоците меѓу сопствениците на посебните делови;   
7) ги прима уплатите на сопствениците на посебни делови врз основа на месечна пресметка и ги плаќа обврските од договорите склучени со трети лица;   
8) ги информира сопствениците на посебните делови за својата работа и им доставува месечни и годишни пресметки;   
9) изготвува годишен извештај за управување со објектот;   
10) во согласност со одредбите од овој закон стопанисува со резервниот фонд;   
11) врши набројување и нумерирање на становите и го пријавува уписот на податоците во органот што ги води јавните книги на недвижностите и   
12) треба да ги познава стандардите и нормативите за пристапност на лица со хендикеп во станбениот објект.   

(2) Во споровите против обезбедувачот и изведувачите на работи поради делумно и нецелосно исполнување на обврските на обезбедувачи или изведувачи на работите на управување на станбената зграда, односно поради штетата причинета на заедничките делови на станбената зграда, управителот може да поднесе тужба против обезбедувачот, изведувачот или третото лице причинител на штетата и во свое име.  

(3) Правата и обврските на управителот од ставовите (1) и (2) на овој член не смеат да се исклучат или ограничат со договор за заемни односи и со договор за вршење на управувачки услуги или други правни дела.  

(4) Управителот може да има и други овластувања утврдени со овој закон и со договорот за вршење на управувачки услуги.